Македонската репрезентација продолжува со мини-подготовките пред стартот на новиот претквалификациски циклус и премиерниот дуел со Словачка што на програмата ќе биде в четврток. Од денеска на тренинзите се приклучи и Ричард Хендрикс, кој ќе биде од огромна помош во битката под обрачите со противничките високи кошаркари. Во неа значајна улога ќе има и младиот Љубомир Младеновски, кој по заминувањето од МЗТ Скопје и трансферот во Илирија се прикажа во одлично светло, покажувајќи дека неправедно неколку години ја грееше клупата на македонскиот првак.
„Искрено, се чувствувам одлично. Заминав во клуб каде им се дава шанса на помладите кошаркари, во мене и во плејмејкерот се гледа како на предводници на тимот и максимално ја користам довербата што ми се укажува. Искрено се надевам дека со добрите игри од Словенија ќе продолжам и во дресот на Македонија, мотивиран сум во што подобро светло да се прикажам на наредните натпревари. Ова е почеток на нов циклус, се надевам дека конечно ќе влеземе во серија победи и ќе тргнеме напред“ – изјави Младеновски.
Нашите кошаркари утре тргнуваат за Словачка, каде во четврток во Попрад ќе ги одмерат силите со оваа репрезентација. Во нашата група се наоѓа уште и селекцијата на Швајцарија, која ќе ја пречекаме в недела. Само најдобрата репрезентација во групата ќе обезбеди пласман во главната фаза од квалификациите за Евробаскет 2021.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА