Младеновски заминува од МЗТ Скопје Аеродром

Македонскиот кошаркарски репрезентативец Љубомир Младеновски заминува од актуелниот шампион МЗТ Скопје Аеродром, откако играчот и клубот постигнаа заедничка согласност за раскин на договорот кој имаше важност и за следната сезона. Високиот центар, како што информира МЗТ Скопје на официјалниот сајт, изразил желба повторно да се проба во странство, а управата на актуелниот шампион му излезе во пресрет да оствари интернационална кариера.

Младеновски се врати во МЗТ Скопје Аеродром пред почетокот на минатата сезона по едногодишен престој во словенечкиот тим Илирија. Тој сезонава одигра 16 средби во АБА2-лигата, што е само нешто повеќе од половина натпревари на нашиот тим во јадранската конкуренција. Останатите ги пропушти поради неколку повреди на кои се жалеше во текот на сезоната. На дуелите на кои играше оствари просек од 4,9 поени и 3,3 скока. На домашна сцена, пак, одигра 31 средба со просек од 7,8 поени и 6,4 скока.

Се вчитува...