Женската младинска ракометна репрезентација на Македонија поразена е од Исланд со катастрофални 16 гола разлика (19-35) на стартот од квалификацискиот турнир за пласман на Светското првенство за ракометарки до 20 години. Натпреварите од оваа квалификациска група во која се уште и селекциите на Германија и на Литванија, се играат во Итротамидстот на Исланд.
Младите македонски ракометарки уште од стартот беа во инфериорна позиција во однос на домашниот состав. По првата четвртина Исланд имаше водство од 8-6. Македонската репрезентативки играа несигурно во нападот, тешко доаѓаа до реализација и по седум минути без погодок, дојдоа на негатива од 7-12, а на одмор по првиот дел заминаа со -8 (12-18).
Односот на силите остана ист и во второто полувреме. Македонските ракометарки имаа долги периоди без погодок, а Исланѓанките ја користеа својата шанса и го зголемуваа водството. Во 41.минута тие стигнаа и до двоцифрена предност поведувајќи со 26-16. Наспроти се посигурната игра на домаќинот, македонската репрезентација не успеваше да фати ритам, се зголемуваа грешките, а со нив и разликата на семафорот. Во завршните десет минути, Македонија веќе имаше сериозни 13 гола негатива (17-30) и на крај претрпе убедлив пораз.
Утре Македонија ќе игра против Литванија, а во недела е последниот дуел против фаворитот Германија. Германките во денешениот прв меч ја победија Литванија со 34-16. Победникот во групата обезбедува пласман на СП 2018 (У20) во Унгарија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА