Младинската репрезентација на Македонија загуби со убедливи 19-34 на денешниот дуел со Јужна Кореја, во рамките од разигрувањето од 13. до 16.место на светскиот шампионат за ракометарки до 20 години што се одржува во Скопје. Нашите ракометарки немаа сили за подвиг против селекцијата што пред двегодини беше светски првак за играчи до 18 години.
Македонија парираше само десетина минути, за потоа Корејките да преземат контрола над мечот и да поведат со убедливи 10-5. Селекторот Јанев со обиде и со „седум на шест“ во нападот, но Македонија немаше одговор, проблеми имавме и во одбраната каде не успеавме да ги запреме брзите корејски ракометарки и на одмор се замина со предност на противникот од 17-10. „Црвено-жолтите“ дојдоа на пет гола негатива на почетокот на второто полувреме, но следеше нова серија на Кореја со која селекцијата од Азија уште повеќе се одлепи резултатски и на крајот триумфираше со конечни 19-34. За проблемите да бидат уште поголеми, Македонија остана без уште една ракометарка откако кон средината на првото полувреме се повреди Хана Мифтари, која на носилки мораше да биде изнесена од теренот.
Борјана Коцева со шест погодоци беше најефикасна во македонскиот состав на денешниот дуел, додека Емилијана Ризоска го заврши натпреварот со три постигнати гола.
Нашите млади ракометарки својот настап на овој светски шампионат ќе го завршат утре, со дуел во мечот за 15.место против селекцијата на Кина, која денеска беше поразена од Египет со 25-20.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА