Младински лиги кошарка: Работнички е најдобар во М14 кај мажите, Баскет кам во М18 кај жените

Викендов на програмата беа уште два завршни турнири во младинските категории на македонската кошаркарска сцена, при што на шампионски пехари се радуваа Работнички во машка и Баскет кам во женска конкуренција.

Во салата „Градски парк“ се играше Ф4 турнир од М14 генерацијата, каде „центарци“ го искористија домашниот терен, во големото финале славејќи над ИБА Академија со убедливи 84-65. Признанието за најкористен кошаркар на овој турнир беше Стефан Илиев од Работнички, кој постигна 33 поени во големото финале и заслужено се закити со оваа индивидуална награда.

Еден од најзаслужните за шампионскиот трофеј на Работнички беше и Александар Сотир кој во финалето заврши со 17 постигнати поени, а претходно го предводеше својот тим на патот до финалето со 24 постигнати поени во полуфиналната пресметка.

Бронзата на овој турнир им припадна на младите кошаркари на Вардар, кои во малото финале славеа над Куманово со 70-48.

Баскет кам на титулата во сениорското првенство во женската кошаркарска лига се надоврза со трофеј во М18 лигата, на завршниот турнир што се играше токму на теренот на оваа екипа, во Македонска Каменица. Откако во полуфиналето лесно го совладаа Бадел со 70-52, младите кошаркарки на Баскет кам славеа и во големото финале против Крива Паланка со 69-50, потврдувајќи ја надмоќта во оваа генерација во женскиот кошаркарски шампионат.

Во мечот за третото место на овој турнир, Бадел го совлада составот на Тим Арена со 61-54.

Се вчитува...