Младинскиот репрезентативец на Македонија, Дашмир Елези новата сезона ќе ја мине во дресот на косовскиот суперлигаш Приштина.
19-годишниот Елези, кој изминативе шест месеци ги мина во хрватскиот прволигаш Локомотива Загреб, сега кариерата ја продолжува во Приштина. Косовскиот клуб денеска и официјално го промовираше напаѓачот како свој нов фудбалер.
„Имав понуди и од други клубови, но кога стапив во контакт со најголемиот клуб во Косово, не ни размислив двапати. Едвај чекам да заиграм за овој клуб. Сум играл со многу фудбалери од Косово и од Приштина, го познавам локалниот фудбал и со Божја помош верувам дека ќе имаме многу радости и успеси“ – истакна Елези на промоцијата во новиот дрес.
Елези фудбалски потекнува од редовите на тетовска Шкендија каде настапуваше со успех се до јануари оваа година, кога и потпиша за Локомотива Загреб.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА