Македонија го освои само 12. место на Европското Првенство – Б дивизија што се одржуваше во Софија, за уште еден, којзнае кој по ред доказ дека младинската кошарка ни е многу поблизу до дното отколку до врвот на елитата. Во денешната пресметка за 11. позиција нашите млади кошаркари загубија од Белорусија со резултат 73-83, за заокружување на настапот во кој остварија очекуван пласман (трето место во групата, потоа 12. на целото првенство), сосема реален со оглед на капацитетот што го поседуваме и откажувањето во последен момент на Ненад Димитријевиќ.
Денешната пресметка со Белорусите мина во серии на двете селекции, но на крајот подобро се снајде противникот, кој се реваншираше за поразот во групната фаза. Македонија има за што да жали бидејќи на три и пол минути до крајот од полувремето избраниците на селекторот Василев имаа водство од 41-29, но потоа паднаа во „сон“ сличен на оној од вчерашниот дуел со Унгарија.
Полувремето заврши со серија од седум поени на Белорусите (41-36), за потоа противникот да го стартува третиот период со 2-12 и да го сврти резултатот во своја полза. Македонија се разбуди, парираше до средината од последната четвртина кога Белорусија повторно влезе во серија и на крајот славеше со конечни 73-83.
Михајлоски оствари дабл-дабл од 20 поени и 12 скокови (16 поени во првото полувреме), Мамузиќ реализираше 16 поени, а под своето ниво беше Ефремовски со скромни седум поени (шут од поле 3/10).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА