Младинската реперзентација на Македонија ја забележа првата победа на Европското првенство – Б дивизија што се одржува во Скопје откако попладнево лесно и убедливо славеше над Словачка со резултат 81-64. Избраниците на селекторот Василев одиграа одличен не дозволувајќи разочарувачкиот пораз од Чешка од пред 24 часа да остави трага врз нивното издание, го контролираа резултатот од почеток до крај и стигнаа до заслужена победа.
Слично како и на вчерашниот дуел со Чесите, Македонија фуриозно го почна натпреварот и во првата четвртина рано поведе со 14-3. Словаците за момент се консолидираа, ја спуштија предноста на едноцифрена разлика, но нашите кошаркари влегоа во серија, Мемед погоди две тројки, потоа од офанзивни скокови реализираше и Симиќ, па на одмор се замина со водство од 41-29. Македонските кошаркари не застанаа овде, продолжија да доминираат, третиот период го завршија со водство од 20 поени (66-46), по што во последните десетина минути рутински ја одржија убедливата предност.
Симиќ со 16 поени беше најефикасен во нашиот табор, десет постигна Шошкиќ, девет Андреј Митревски, а за одбележување е дека меѓу стрелците се запишаа единаесет од вкупно дванаесетте македонски репрезентативци кои настапија на овој натпревар.
Македонија утре е слободна во својата група, в понеделник е слободен ден за сите селекции, а следниот натпревар нашите млади кошаркари ќе го играат во вторник, кога за противник во 18.30 часот ќе ја имаат селекцијата на Бугарија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА