Фудбалската репрезентација на Македонија до 21 година денеска ќе и гостува на Србија во натпревар од 7. коло во квалификациите за пласман на Европското првенство кое следната година ќе се игра во Романија и Грузија.
Нашите надежи со доза самодоверба заминаа за Белград, а селекторот Драги Канатларовски вели дека неговите фудбалери на теренот ќе излезат само со една цел…
„ Пред се сакам да испратам честитки на раководството на Србија, за ангажанот на Горан Стевановиќ како нов селектор на репрезентацијата. Горан пред се е мој многу добар пријател, кој беше извонреден и феноменален фудбалер, а моментално е одличен тренер и прекрасна личност. Му посакувам се најдобро. Противникот го почитувам многу, имаат промени во составот и стручниот тим во споредба со средбата во Охрид, но секако поседуваат голем индивидуален потенцијал. Запознаен сум добро со нивните квалитети, селекцијата е составена од фудбалери кои поседуваат огромен индивидуален квалитет. Имаме јасна цел, многу добро знаеме како треба да одиграме, верувам во квалитетот на моите фудбалери, сакам да го пофалам нивното залагање на тренинзите и огромната желба за добар настап и позитивен резултат на претстојната средба. Нашата предност е во тоа што одлично функционираме како тим. Тимскиот дух што го поседуваме може да биде и одлучувачки фактор на утрешната средба. Верувам дека ќе постои огромен мотив за докажување кај двете селекции. Ќе излеземе на терен со јасна цел, да одиграме добро, квалитетно и фокусирано во текот на сите 90 минути. Не смееме да му оставиме многу простор на противникот да се разигра, нека победи подобриот“, изјави Канатларовски.
Слично како селекторот размислува и одбранбениот фудбалер на Брегалница, Јован Манев…
„Одработивме одлични тренинзи во Скопје, а денеска го имавме и првиот по пристигнувањето во Србија, на комплексот на Фудбалскиот сојуз на град Белград. Стоиме цврсто со нозете на земја, знаеме дека имаме шанси да се бориме за позитивен резултат, веруваме во нашите квалитети, од меч во меч се подобруваме и се надевам дека ќе продолжиме во тој ритам. Имаме одлична група на фудбалери, сите заедно веруваме во успех. Ја имаме подршката од селекторот и неговиот стручен тим, веруваат дека можеме да оствариме успех не само на мечот со Србија, туку и на средбите против Фарски Острови, Украина и Ерменија, Нема да биде лесно да се победи Србија, но не и невозможно. Го респектираме противникот, се работи за репрезентација која има голем квалитет и потенцијал, но имаат и недостатоци. Треба да бидеме смирени, фокусирани во текот на сите 90. минути и да ги искористиме можностите што ќе ни се укажат“, изјави Манев.
Натпреварот кој ќе се игра на стадионот „Вождовац“ во Белград е закажан за во 17 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА