Младинците поразени од Фарските Острови на стартот од СП

Младинската репрезентација на Македонија не успеа триумфално да стартува на СП во Катовице откако избраниците на селекторот Раде Стојановиќ попладнево беа поразени од врсниците од Фарските Острови со резултат 28-33. Нашите ракометари одиграа квалитетен меч, но налетаа на силен ривал кој знаеше како да ги искористи своите шанси, да се одлепи резултатски и на крајот да стигне до победата.

Македонија беше подобар противник во почетните минути во кои нашите младинци имаа минимална предност, но не успеаја посериозно да се одлепат. Противникот успеа да се врати, а потоа и поумешно да го заврши првото полувреме, на одмор заминувајќи со минимално водство од 15-16. Пресуден се покажа послабиот старт на нашите младинци во второто полувреме, што Фарските Острови го искористија за набрзина да поведат со „плус три“. „Црвено-жолтите“ се разбудија, но не успеаја да направат мини-серија со која би се вратиле во натпреварот, противниците знаеја како да го исконтролираат резултатот, во финишот и да ја зголемат предноста и да триумфираат со конечните 28-33.

Узунчев и Калајџиоски беа најефикасни во нашиот табор со по шест погодоци, четири постигна пивотот Карасманакис, а по три Петковски и Белистојаноски.

Нашите ракометари веќе утре ги очекува мечот од второто коло во кој за противник ќе ја имаат Романија, селекција што денеска во првата рунда го совлада Исланд со 29-25.

Се вчитува...