Младите македонски ракометари загубија од Франција со 33-16 во осминафиналето на Светското првенство за играќи до 21 година што се одржува во Алжир и ќе разигруваат за пласман од 5 до 8.место. Актуелниот светски шампион сепак, беше преголем залак за „црвено-жолтите“ на патот до мундијалското четвртфинале. И покрај заморот кој беше видлив кај македонските ракометари кои за неполни 24 часа го поебдија Алжир во осминафиналето и потоа се соочија со силната репрезентација на Франција, тие настојуваа успешно да му парираат на многу посилниот противник. Во првиот дел успеваа колку толку да држат чекор, но, во второто полувреме Французите успеаја да го скршат отпорот и ја потврдија својата надмоќност со убедлива победа која ги носи во полуфиналето на СП.
По првите седум минути резултатот беше 3-3. Благодарение на успешните интервенции на Мартин Томовски на голот и двата гола во серија на Милан Лазаревски кој беше прв избор на селекторот Илија Темелковски на пикерската позиција, Македонија рамноправно се носеше со противникот. Но, потоа Французите постигнаа три гола во серија и прв пат успеаја да се одлепат на +3 (6-3). Сепак, „црвено-жолтите“ најдоа одговор и додека фокусот на одбраната на Франција беше на Филип Талески и на Филип Кузмановски, просторот успешно го искористи Мартин Велковски на десната страна, постигна два гола и ја стопи преднсота намалувајќи на 7-6 на средината од првиот дел.
Французите знаеја од каде доаѓа најголемата опасност по нивниот гол, а Мелвин Ричардсон имаше улаога со „фластер“ да го сопре Талески. Но, на неколку пати македонскиот капитен успеа да го надмудри и да поентира. Исклучувањето на Филип Кузмановски на пет минути пред крај на првото полувреме му отвори простор на противникот да дојде до највисоки пет гола предност поведувајќи со 13-8, а со таа позитива Французите заминаа и на одмор (14-9).
И второто полувреме Македонија го отвори со погодок на Лазаревски од пикер. Селекторот Темелковски се обиде со седум играчи во напад да ја реши француската одбрана. Тоа донесе неколку погодоци, но Французите брзо враќаа на спротивната страна и по десет минути игра повторно беа на пет гола позитива (19-14). Французите го имаа Жилиен Мејер на голот и во последната четвртина целосно ја презедоа контролата на играта и на резултатот. Македонската репрезентација 11 минути остана без погодок, а Франција постигна седум гола во серија и во последните десет минути влезе со двоцифрена предност поведувајќи со 26-15. Конечно, Дарио Петровски успеа да ја смести топката во голот на Мејер и да ја прекине долгата серија без гол. Но, македонските ракометари во финишот веќе немаа сили да го спречат убедливиот пораз од далеку посилниот противник кој е прв фаворит за освојување на шампионската титула на овој мундијал.
Филип Талески беше прв стрелец во македонската репрезентација со четири гола, а по три погодоци постигнаа Милан Лазаревски и Мартин Велковски. Мартин Томовски запиша 12 одбрани. Кај Франција најефикасни со по пет гола беа Мелвин Ричардсон и Етиен Моске, а Жилиен Мејер заврши со 15 одбрани.
Утре ракометарите имаа ден одмор, а во сабота и во недела се завршните натпревари за пласман.
Покрај Франција, пласман во полуфиналето на СП (У21) во Алжир обезбеди и селекцијата на Германија која во четвртфиналето го победи Тунис со 27-21.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА