Младинската репрезентација на Македонија ќе разигрува за деветтото место на Европското Првенство – Б дивизија што се одржува во Софија, откако „црвено-жолтите“ денеска ја забележаа и третата победа во низа, овојпат над соодветната селекција на Албанија со 77-69. По победите над Азербејџан и Белорусија, избраниците на селекторот Василев повторно покажаа карактер во клучните моменти од мечот, во последната четвртина создавајќи ја клучната предност на патот кон триумфот.
Македонија фуриозно го почна денешниот натпревар, во првата четвртина создавајќи предност од 27-16. Потоа темпото опадна, Албанците целосно се вратија на резултатски план, за нашите младинци фуриозно да го одиграат самиот финиш. При резултат 52-52 следеа тројки на Кицев и на Крстевски, потоа во ритам влегоа и останатите кошаркари, па на крајот Македонија заслужено славеше со резултат 77-69.
Виктор Ефремовски беше најефикасен со 20 поени, Ранко Мамузиќ реализираше 17 поени и осум скокови, додека Михајловски го заврши мечот со 10 поени и девет скокови зад своето име.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА