Младинците против Шпанија ја започнуваат мисијата опстанок во „А“ дивизија

Македонската машка кошаркарска репрезентација до 20 години денеска во полскиот град Гдиња со почеток од 20 часот и 30 минути против Шпанија го започнува учеството на Европското првенство во „А“ дивизија.

По успешниот настап за оваа кошаркарска репрезентација на ланското првенство во „Б“ дивизија одиграно во Скопје на кое „црвено-жолтите“ стигнаа до финалето сега ќе имаат навидум потешка задача да го задржат местото во елитната дивизија. За тоа е свесен и селекторот Боро Смилковски кој сепак верува дека неговите избраници имаат квалитет за исполнување на целта – опстанок.

„Успешно го затворивме мини-циклусот на подготовки во кој одигравме и шест пријателски натпревари. Задоволни сме од сработеното, играчите максимално се посветени и како стручен штаб сме благодарни за нивната доверба. Физички и техничко-тактички сме подготвени, свесни за тежината на националниот дрес и што значи да си меѓу избраните да ја претставуваш својата држава. Ветуваме дека ќе го дадеме својот максимум, да покажеме дека можеме да играме добра кошарка. Да бидеме најдобрата верзија од себе, е се што барам од играчите и сметам дека тоа е доволно да ја постигнеме нашата цел, а тоа е опстанок во дивизијата А“, изјави Смилковски.

Опстимист за успешен настап е и еден од кошаркарите од кој најмногу се очекува на ова Еворпско првенство – Андреј Шошкиќ. Кошаркарот кој минатата сезона ги бранеше боите на Работнички на прволигашката сцена.

„Дојдовме во Гдиња со една таква цел – да оддржиме еден континуитет на играње во оваа силна конкуренција на репрезентации кои се постојани членки на „А“ Дивизијата. Свесни сме за предизвикот кој е пред нас. Уште во онаа групна фаза се соочуваме со квалитетни противници. На почетокот не чека Шпанија, веројатно и една од репрезентациите кои важат како топ-фаворити на првенството. Следува дуел со Турција, на крајот, и натпреварот против Белгија.

Веројатно, ако говориме за шансите за успех, мислам дека и тука некаде треба да ја бараме нашата, да пробаме да оствариме успех, кој ќе ни овозможи нешто „полесен“ распоред, ако воопшто може да се зборува за такво нешто. Системот е таков, секоја победа те води поблиску до потцртаната цел“, изјави Шошкиќ.

Македонија започнува против фаворизираните Шпанци, а во групната фаза ја очекуваат уште средби со Турција во недела и Белгија во понеделник.

Се вчитува...