Младинците рутински до триумф над Албанија

Младинската репрезентација на Македонија ќе се бори за 17. место на Европското Првенство – Б дивизија што се одржува во Ереван откако во денешниот прв дуел од разигрувањето за пласман избраниците на селекторот Самарџиев славеа над Албанија со 84-74. Неочекуваниот пораз во последното коло од групната фаза остави трага врз играта на „црвено-жолтите“, кои сепак прикажаа доволно за да го скршат отпорот на противникот и да стигнат до победата на овој натпревар.

Првото полувреме неочекувано донесе максимално израмнета партија, па Албанија беше селекцијата што замина на одмор со минимално водство од 40-38. Советите на селекторот Самарџиев очигледно вродија со плод бидејќи Македонија одигра доминантно во третиот период, го доби овој дел од мечот со 30-18 и го сврте резултатот во своја полза. Албанците не се предадоа, дојдоа на пет поени разлика на помалку од четири минути до крајот, но Иванов со две тројки во низа ја осигура победата на Македонија на овој дуел.

Павел Иванов со 21 поен беше важна фигура во денешниот триумф, Стојковиќ реализираше 15 поени за Македонија, а двоцифрени беа уште и Кечовски со 12 и Ќириловски со 10 поени.

По денешниот триумф, нашите младинци утре уште во 9 часот наутро, ќе играат против селекцијата на Словачка, за пласман на 17.позиција на шампионатот во Ерменија.

Се вчитува...