Младиот Данев херој на Вардар во триумфот над Пелистер (ВИДЕО)

Фудбалерите на Вардар славеа со 4-1 на домашен терен против вечниот ривла Пелистер во македонското „Ел класико“ како дел од воведното коло од новата сезона во ПМФЛ.

Натпреварот го реши 19-годишниот Димитар Данев кој со два погодоци беше главен виновник за победата на „црвено-црните“.

Првата шанса на мечот ја имаа домаќините кога во 18. минута Омерагиќ имаше одличен прием, но не успеа баш најдобро да ја зафати топката, па сигурно интервенираше Јовчевски на голот на Пелистер.

Домаќините повторно се заканија во 31. минута, кога неколкупати Маневски биеше кон голот на битолчани, но дефанзивците на Пелистер одлично интервенираа.

Гостите првата шанса ја имаа во 34. минута кога Ристиќ излезе „еден на еден“ против Талесски, но вардаровиот голман успеа да интервенира и да го зачува голот на својот тим. Пелистер имаше нова полушанса во 42. минута, но Мирко Ивановски биеше непрецизно кон голот на домаќините.

И кога сите чекаа да се замине со почетните 0-0 на полувреме, Данев во третата минута од судиското надополнување донесе водство од 1-0 за домаќините.

Водството за домашниот тим го удвои Роџерс Мато во 50. минута кој на неверојатен начин го матираше противничкиот голман за 2-0.

Гостите успеаја да намалат во 66. минута на 2-1 со голот на Булатовиќ.

Македонскиот фудбал добива нов бисер во името на Данев, кој со својот втор гол во 80. минута зголеми на 3-1…

Конечните 4-1 ги постави Аргентинецот Кастањеда во 91. минута.

Се вчитува...