Ракометарите на Металург претрпеа нов пораз на гостински терен во СЕХА-лигата, овојпат на дуелот во Загреб против истоимениот противник со резултат 30-28. Подмладениот состав на македонскиот вицешампион добро му парираше на реномираниот ривал, но избраниците на тренерот Јовиќ немаа сили да го издржат темпото во текот на сите 60 минути и на крајот претрпеа пораз.
Првите дваесет минути минаа во апсолутно израмнета игра во која двете екипи се менуваа во водство, а ниту една не стигна до предност поголема од еден гол. Загреб потоа пред крајот на полувремето се одлепи, првпат дојде до „плус два“ поведувајќи со 12-10, потоа и до 15-12, за младиот Серафимов да погоди пред крајот на првиот дел за конечни 15-13.
„Металурзите“ со голот на Кузмановски на почетокот од второто полувреме стигнаа до „минус еден“ (17-16), разлика до која стигнуваа и со головите на Јагањац кон средината на полувремето, но сепак немаа сили за целосен пресврт, па Загреб го доби овој натпревар со конечни 30-28.
Јагањац со девет и Кузмановски со осум гола беа најефикасни кај македонскиот вицешампион, Серафимов и Пешевски постигнаа по три погодоци, додека голманот Томовски имаше осум интервенции.
Сега останува поважниот дел од работата, по враќањето во Скопје конечно да се најде излез од големата финансиска криза, за клубот да функционира онака како што му доликува на повеќекратниот првак на Македонија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА