Младата репрезентација на Македонија за фудбалери до 21 година денеска од 14:30 часот на тренинг центарот „Петар Милошевски“ во Скопје против Гибралтар го игра последниот натпревар од квалификациите за пласман на ЕП 2019.
Низ загубениот квалификациски циклус во кој посакуваме барем да го избегнеме последното место во групата, новата генерација фудбалери на Добринко Илиевски посакува со тримф барем да се покрие бламажата од пред една година кога неочекувано загубивме на гостувањето против Гибралтарците.
Факт е дека за генерацијата која вистинското докажување треба да го има во следниот циклус нема друга опција освен победа на денешниот дуел во Скопје. Токму како момент за потврда дека на нив сериозно ќе може да се смета во следниот квалификациски циклус.
Македонија, по девет одиграни натпревар, е на претпоследната позиција во групата со досега четири освоени бода, само еден повеќе од Гибралтар. Ерменија е на четвртата позиција недостижна за нас со 8 бода. На првото место во групата е Србија која веќе има обезбедено пласман на ЕП 2019, а битката за второто место ќе биде меѓу Австрија и Русија кои имаат по 19 бодови.