Еурофарм Пелистер 2 забележа лесна и убедлива победа на денешниот дуел со Металург (39-23), максимално користејќи го дополнителниот распад на поранешниот првак на Македонија. Имено, „металурзите“ допатуваа во Битола со само десетмина ракометари (тројца од нив голмани), откако по неисплатените финансии клубот го напуштија и Турчинот Озтурк и Португалецот Рибеиро.
Со еден таков максимално лимитиран состав беше јасно дека Металург нема што да бара, а избраниците на тренерот Јовиќ знаеја како да го искористат тоа и стигнаа до убедлив триумф. Гостите од Скопје имаа минимално водство од 3-4, резултатот последен пат беше израмнет при 5-5, за Еурофарм Пелистер 2 да доминира до крајот на полувремето и на одмор да замине со водство од 16-10. Првото двоцифрено водство на битолчани изнесуваше 21-11, по што домашните ракометари до крајот ја зголемија предноста до конечните „плус 16“.
Петар Атанасијевиќ со осум и Цветан Кузманоски со седум погодоци беа најзаслужни за убедливата победа, додека прв стрелец на Металург вообичаено беше Златко Хорват со седум постигнати гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА