Младите демонстрираа сериозни боксерски вештини на меѓународниот турнир „Арена Куп 2024“ (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Денеска во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје во организација на БК Чаир во соработка со Боксерската федерација на Македонија на чело со Фатон Салиху се одржа Меѓународниот турнир во бокс „Арена Куп 2024“.

На турнирот кој мина во одлична организација беа одржани 18 финални борби во кадетска, јуниорска и младинска конкуренција.

Специјален гостин на турнирот беше македонскиот олимписки шампион Шабан Трстена кој е вистински мотиватор за младите македонски спортисти и нивната интенција да се продолжи со желбата за достигнување на спортските височини.

„Како олимписки шампион видов многу млади и перспективни боксери кои демонстрираа сериозни боксерски вештини. Но, јасно е дека ваквите турнири за сите нив треба да претставуваат само една мотивација да се продолжи со напорната работа затоа што ова е само почеток на патот кон вистинските успеси. Затоа што во Македонија добро знаеме дека секогаш има многу млади спортски таленти кои освојуваат златни медали во кадетските и младинските категории, но за жал тука застануваат…. Мора до крај да продолжат да го живеат својот сон, со многу работа, тренинзи и многу пот за еден ден да дојдат до успеси со кои ќе се гордеат самите тие, но и нивните семејства и државата“ – истакна Трстена на денешниот боксерски собир.

 

Се вчитува...