Македонската репрезентација за кошаркари до 18 години го претрпе и третиот убедлив пораз во низа на Европското првенство – Б дивизија што се одржува во Белград. По Литванија и Грците, нашите кошаркарски надежи денеска загубија и од домаќинот Србија со резултат 89-59, по што ги очекува дуел со моќната Шпанија во осминафиналето од ова елитно натпреварување.
Слично како и на претходните мечеви, „црвено-жолтите“ имаа проблеми да влезат во ритам од самиот почеток, а противникот знаеше како да го искористи тоа. Србија доминираше во првите 10 минути што домашната селекција ги доби со 24-8, следеше и втората четвртина во која северниот сосед беше подобар со 25-15, со што практично беше решен и победникот на овој натпревар (полувреме 49-23).
Јаничиќ беше расположен за шут од далечина (вкупно 19 поени, 5/8 за тројка), но тоа беше премалку за да се избегне убедлив пораз. Двоцифрен ефект имаше само уште Ѓорѓевиќ (14 поени), во последната четвртина краток блесок со мини-серија од пет поени имаше и Сапроновски (кој воопшто не влезе во првите три четвртини), но јасно беше дека квалитетот е на страната на српскиот состав кој славеше со конечни 89-59.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

