Младите македонски ракометари одиграа нерешено со Италија 27-27 во вториот натпревар на ЕХФ Шампионатот (У20) што се одржува во Скопје. Со ова реми во дуелот во кој беше планирана победа, Македонија значително ги губи шансите за првото место во групата.
Првото полувреме од дуелот со Италија во поголем дел мина во изедначена игра. Добро функционираше одбраната на македонскиот состав, но во напдот недостасуваше агресивност и прецизност. По првите 2о минути резултатот беше изедначен 9-9, потоа македонските ракометари успеаја да дојдат на два гола предност и ја одржуваа позитивата до крајот на полувремето пропуштајќи шанса во финишот да ја зголемат предноста (12-13).
Ефикасниот почеток на второто полувреме резултираше со зголемување на предноста на +3 (13-16) по четири минути игра. Но, наместо да се одлепат и да го решат мечот, македонските ракометари одново влегоа во серија грешки и и дозволија на Италија да изедначи на 18-18, а потоа и да поведе со 19-18 на средината од вториот дел.
Селекторот Данило Брестовац реагираше со тајм-аут и се обиде да ги врати во ритам македонските ракометари. Во следниот напад Мице Шилегов успеа да донесе ново изедначување со погодокот од седмерец за 19-19. Но, италијанските репрезентативци го засилија притисокот и ја презедоа иницијативата поведувајќи со 21-19 на стартот од последната четвртина.
На десет минути пред крај Италија вече имаше и +3 (23-20), а македонските ракометари се повеќе губеа чекор. Погодокот на Јагуриновски, а потоа и успешниот пробив на Танкоски за 23-22 одново ја вратија надежта. Но во желбата да се стигне разликата, следуваа избрзани потези, нови грешки во нападот и лесни топки за противничкиот голман.
Најприсебен и најпрецизен во драматичната завршница беше Јагуриновски кој уште еднаш беше прецизен и изедначи на 23-23 на четири минути пред крај.
Во завршните минути се играше гол за гол, Италија имаше минимална предност, Македонија бркаше резултат и дуелот на крај заврши без победник со 27-27.
Македонските ракометари утре (20 ч.) ги очекува најсериозниот предизвик против селекцијата на Швајцарија. Швајцарците имаат две победи во првите два дуели со Украина и со В.Британија и се главни фаворити за првото место во групата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА