Еуро Никел многу потешко од очекувањата стигна до триумф на отворањето од новата кошаркарска сезина, славејќи на гостувањето против МЗТ Скопје 2 со 75-79. Младите „штркови“ лани ги загубија сите прволигашки натпревари, но летово беа направени сериозни промени во играчкиот кадар, доведени беа и американски засилувања, по што избраниците на Боро Даскаловски за малку уште во првиот меч ќе приредеа огромно изненадување.
Кошаркарите на МЗТ Скопје 2 одиграа на високо ниво, но немаа сили да го задржат темпото до самиот крај, во последната четвртина загубија со 10-19, што беше пресудно за да го загубат овој меч. Младите „штркови“ последен пат водеа по поените на Димитровски за 69-67 во 34. минута. Гостите одговорија со пет поени во низа на искусниот Мијатовиќ, ја презедоа контролата над резултатот и на крајот со слободните фрлања на Соколов во самиот финиш стигнаа до тешко извојувана победа.
Мијатовиќ со 23 и Соколов со 18 поени беа најефикасни во победничкиот тим, додека први стрелци на МЗТ 2 при овој пораз беа Тодоровски со 18 и Изабел со 17 постигнати поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА