Вардар ја забележа и осмата победа во низа во ракометниот плејоф на Македонија откако „црвено-црните“ потешко од очекувањата го скршија отпорот на вториот тим на Еурофарм Пелистер (26-33). Конечниот резултат делува убедливо, но мора да се истакне дека младите „пелистерци“ беа и подобар ривал во првото полувреме, за шампионот со доминантно издание во вториот дел да стигне до трите бода.
Избраниците на Александар Јовиќ и на овој меч одиграа храбро, покажувајќи потенцијал и квалитет за да се носат со поквалитетни екипи. Младите битолчани одиграа импресивно во нападот во првото полувреме, кога успеаја да постигнат 16 гола и да заминат на одмор со предност од 16-15. „Пелистерци“ водеа со 18-17 на почетокот од вториот дел, кога Вардар конечно ја зацврсти играта во одбрана, со серија од седум гола правејќи пресврт и практично решавајќи го прашањето на победникот на дуелот во Битола.
Тимур Дибиров беше најдобар срелец на Вардар и на оваа средба со осум погодоци, пред Гоце Георгиевски со седум и капитенот Стоилов со шест постигнати гола.
Павле Атанасијевиќ и Петровиќ со по шест погодоци беа најефикасни во таборот на Еурофарм Пелистер 2.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА