Еурофарм Пелистер 2 забележи нова победа во ракометниот плејоф, на гостински терен славејќи против екипата на Пролет со минимални 25-26. Битолчани го контролираа резултатот во поголем дел од мечот и заслужено се радуваа на крајот, одмаздувајќи му се на тој начин на скопскиот клуб за поразот во финалето од групата во Купот на Македонија.
Давор Палевски го отвори натпреварот со гол во првиот напад за Пролет, по што скопскиот суперлигаш во неколку наврати имаше водство од по два погодоци. За последен пат со 6-4, по што следеше криза во играта на Пролет и голем пресврт на Еурофарм Пелистер 2, за водство на битолскиот клуб од 6-9. Александар Василевски, кој беше најдобар поединец со пет гола во првото полувреме, ја прекина мини-серијата на противникот со гол од девет метри, по што следеа и два брзи погодоци на Палевски за израмнување на 9-9. До крајот на полувремето се играше израмнет ракомет, Еурофарм 2 и со играч помалку постигна два гола и поведе со 12-14, за Димковски да ги постави конечните 13-14.
Василевски со два гола на стартот од второто полувреме донесе пресврт и кратко водство на Тинекс Пролет, по што повторно дојде до криза во играта на домаќините. Еурофарм Пелистер 2 знаеше како да го искористи тоа и поведе со 15-18, по што следеше тајмаут на тренерот Лембанов. Василевски даде два гола по тајмаутот, но Пролет се мачеше да влезе во ритам, а гостинските ракометари го контролираа резултатот, па на десет минути до крајот на семафорот стоеше 20-23. Избраниците на Лембанов неколку пати дојдоа до „минус два“, а преку Димов на помалку од две минути до крајот намалија на 25-26, при овој резултат имаше и напад за израмнување, но битолчани се одбранија блокирајќи го последниот шут на Мајнов и на крајот стигнаа до минимална победа.
Александар Василевски со десет гола беше најдобар поединец на овој натпревар, четири гола постигна капитенот Ласко Андоновски, а по три пати прецизни беа Палевски и Тотиќ. Во победничкиот тим најефикасни беа Петровиќ со седум погодоци, пред Белистојановски со пет постигнати гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА