Младата репрезентација на Македонија денеска во Скопје од 15:30 часот на стадионот на тренинг центарот „Петар Милошевски“во Скопје го игра вториот натпревар во квалификациите за ЕП 2025, против најголемиот фаворит во групата – моќната Холандија.
Избраниците на Драган Канатларовски, по извонредната победа од 0-1 на гостувањето против Шведска во Јончепинг, сега со значително поголем мотив во очекување на дуелот кој може многу што да одреди околу натамошниот тек на квалификациите.
Јасно е дека огромна е желбата меѓу репрезентативците да се повтори успехот на генерацијата од 2017 година кога Македонија се избори за своето прво учество во историјата на едно европско првенство. Но, јасно е и дека долг и тежок е патот за сето тоа, а секој бод е повеќе од важен…
„Секој бод е важен, секој квалитетен наш настап е неопходен“ – вели еден од најдобрите македонски репрезентативци, стрелецот на победничкиот гол во Шведска, Иван Николов.
„Мора и против Холандија сега да го дадеме максимумот пред нашата публика иако е јасно дека не чека една од најдобрите европски селекции. Но, ние веруваме во нашиот квалитет, веруваме во она во што можеме и сигурен сум дека ќе покажеме дека онаа победа против Шведска воопшто не беше случајна“ – дополнува Николов.
Цената на билетите за натпреварот со Холандија изнесува 100 денари, а продажбата на билетите се организира преку продажната мрежа на MKTickets.
Листата на продажни места на кои може да се купат билетите за натпреварот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА