Ракометната репрезентација на Македонија до 20 години во трилер натпревар одиграа без пбоедник 24-24 против Хрватска во вториот натпревар на Европското првенство кое што се одржува во Словенија. Нашите надежи победа ги чинеше, лошо одиграните петнаесет минути во првото полувреме во кое на противникот му дозволија да стигне до плус пет 10-15.
Натпреварот почна со цврста игра во одбраните на двете страни, а Македонија подобро отвори и дојде до два гола предност (5-3, 6-4). Голманот Брестовац блескаше во овие моменти со два одбранети зицера, а Узунчев стрелаше прецизно за ново водство од два гола за наштие млади ракометари (7-5). Проблемите се појавија кога останавме со двајца играчи помалку на теренот, па Хрватите успеаја да израмнат на 8-8. Хрватите го свртеа резултатот во своја полза постигнувајќи гол за 9-10 во 21. минута, ние возвративме преку Шулески за 10-10, но потоа следеше огромен пад во играта на Македонија. До крајот на полувремето нашите младинци не постигнаа ниту еден единствен погодок, селекторот Стојановиќ се реши за голманска смена уфрлајќи го Галевски на местото на Брестовац, но проблемот беше во нашиот напад, а Хрватите знаеја како да го искористат тоа и предводени од голманот Херцег и од Марко Ткалец (пет гола во првото полувреме) на одмор заминаа со предност од убедливи 10-15.
На стартот на вториот дел Хрватите брзо стигнаа до највисоките плус седум 11-18, по што нашиот тим конечно заигра подобро. Влеговме во добра серија по која со голот на Митев во 44. минута Македонија дојде на само минус два (17-19). Следуваа две нови грешки на Хрватите, кои нашите надежи ги искористија на најдобар можен начин па со голот на Марио Стојановски во 49. минута по долго време стигнаа до предност од 20-19. Во следниот период се играше гол за гол, а на три минути до крајот резултатот на семафорот изнесуваше 23-23.
Хрватите поведоа со 24-23, а со голот на Димитар Узунчев на една минута до крајот Македонија израмни на 24-24. Хрватите не го искористија својот напад, а последниот шут го имаше Дамјан Митев кој исто така беше непрецизен па мечот заврши 24-24. Димитар Узунчев и Славчо Шулески со по шест гола беа најефикасни во нашиот табор, а голманскиот двоец Галевски/Брестовац заедно забележа 11 одбрани. Кај Хрватите неверојатен беше Тин Херцег на голот со 17 одбрани, додека по шест гола постигнаа Марко Бајан и Нико Франковиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА