Македонската репрезентација за ракометарки до 17 години го освои само четвртото место на ЕХФ шампионатот што изминатата седмица се одржуваше во Скопје. „Црвено-жолтите“ стартуваа со импресивни три победи, но по вчерашниот убедлив пораз од Полска (14-31) денеска капитулираа и во малото финале, во кое за противник ја имаа Бугарија.
Бугарските ракометни надежи се покажаа во подобро светло од македонските и на крајот заслужено славеа со 30-25. Противникот доминираше во речиси целиот натпревар, на одмор замина со предност од 13-10, а потоа целосно го контролираше резултатот. Македонија најопасно се закани намалувајќи до 21-19, имаше и напад кога нашите ракометарки го погодија дирекот, по што следеше нова серија на противникот за разрешување на сите дилеми околу победникот на оваа средба.
Марија Тасевска со седум гола беше најефикасна во нашата национална селекција, пред Мила Трајковиќ со шест.
Во големото финале, на кое победата значи и пласман во А дивизијата, вечерва ќе се сретнат Полска и Словенија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА