Младите се борат за 5.место на СП, по втор пат на мегдан со Русија

Машката младинска ракометна репрезентација на Македонија денеска (13.30 ч.) ќе игра против Русија, во првиот натпревар од разигрувањето за пласман од 5 до 8.место на Светското првенство (У21) во Алжир. Со победа во денешниот дуел, Македонија ќе се бори за 5.место со победникот од дуелот меѓу Тунис и Унгарија. Во случај на пораз, младинците во последниот натпревар на СП, утре, ќе играат 7.место со поразениот од истиот дуел.

Во пресрет на завршните два натпревари на ова СП, проблем за македонската репрезентација и за селекторот Илија Темелковски се повредите на тројца ракометари. На последните мечеви во Алжир, поради повреда не ќе можат да настапат средниот бек Горан Крстевски и пикерот Филип Арсеновски, а неизвесен е и настапот на Марко Нелоски кој исто така има повреда и е под медицинска терапија.

Но, и покрај заморот и повредите, македонските ракометари ќе се борат со победа да го завршат овој досега најуспешен настап на ракометните мундијали.

„Не е сеедно дали ќе бидеме петти или осми на СП. Сакаме што подобар резултат и ќе се бориме до последен момент на овие завршни натпревари за пласман“ – истакнува македонскиот селектор, Илија Темелковски.

Македонската репрезентација во седумте одиграни натпревари досега на мундијалот во Алжир има четири победи и три порази. Во групната фаза Македонија заврши на второто место, во осминафиналето, младинците изборија историска победа против домаќинот Алжир (24-20), а потоа во четвртфиналето беа убедливо поразени од актуелниот шампион Франција (33-17).

Русија во завршницата на СП (У21) влезе како четвртопласирана во Групата Ц во која играше заедно со Македонија. И Русите направија сензација во осминафиналето и ја елиминираа Хрватска која беше еден од фаворитите на мундијалот, со убедлива победа од 34-25. Во четвртфиналето Русија беше поразена од Данска (31-38).

Македонија и Русија се среќаваат по втор пат на овој шампионат. Во првиот дуел од групната фаза на стартот на СП, Македонија победи со 29-22, а рускиот селектор Степан Сидорчук тогаш изрази голем респект кон македонската репрезентација.

„Македонија е многу силна, повеќето од репрезентативците играат на високо ниво, вклучувајќи ја и Лигата на шампионите. Има играч како Филип Талески кој сега настапува во германската Бундеслига. Јас немам ниеден таков играч“ – изјави Сидорчук.

Судии на денешниот натпревар Македонија – Русија се Алжирците Јусеф Балкири и Си Али Хамиди.

Покрај натпреварите за пласман од 5 до 8.место, денеска на програмата на СП (У21) се и полуфиналните дуели: Франција – Данска и Германија – Шпанија.

.

Се вчитува...