Младата репрезентација и натаму чека на првиот триумф во квалификациите. Денеска во третиот меч на гостувањето кај Фарски Острови, одиграа 1:1, со што остварија второ реми во квалификациите. Македонија имаше негатива по првиот дел во кој одигра многу слабо, неорганизирано и конфузно, но затоа во вториот дел тргна на победа, меѓутоа стигна само до еден бод, иако имаше и шанси, и еден поништен гол во вторите 45. минути.
Уште од самиот старт агресивната игра на Фарски Острови донесе резултат. Агресија на нашата половина, изнуден корнер, а од него водство. Нафрлување на вториот дирек и голема мешаница во петерецот, за на крајот десниот бек на домашните Јохансен да ја смести топката зад гол линијата. Имаше тука се и сешто во петерецот, но на крајот радост за домаќините.
Македонските млади фудбалери и по голот тешко ги поврзуваа редовите. Се обидуваа со ниски топки, но никако не одеше. Првата шанса дојде дури во 33. минута преку Ѓорѓиевски, но голманот одбрани. Втора шанса од прекин од левата страна, меѓутоа голманот на домашните Морк успеа да избие во поле и да не дозволи изненадување.
Имаше конфузни и опасни ситуации и по голот на Македонија, меѓутоа на полувремето остана водството на Фарски.
Во второто полувреме Канатларовски се обиде со две измени да ја „разигра“ селекцијата. Тодоровски и Максимов влегоа во игра, а токму Тодоровски ја имаше првата закана во 51. минута кога шутираше само над голот.
Конечно нешто похрабрата игра на нашата селекција донесе израмнување, и тоа благодарение на соло акција. Ѓорѓиевски прими топка на 20. метри од левата страна и откако се избори за позиција, убаво шутираше во долниот лев агол за израмнување на резултатот.
Во 70 минута Македонија тргна во напад на трите бода, и за таа цел во игра влегоа Тошевски и Станковски, а сега Канатларовски тргна со тројца офанзивци да се обиде да дојде до победата. Ѓорѓиевски постигна и втор гол, но беше поништен поради офсајд.
Желбата за уште еден гол во мрежата на Фарски Острови беше евидентна, но тешко се доаѓаше до позиција, а таквата игра оставаше можност за противнапади на домашниот тим. Еден таков можеше скапо да ги чини нашите фудбалери, кога Радосавлевиќ се најде во добра позиција во 81. минута, но среќа шутираше над голот.
На другата страна веднаш врати со удар Тодоровски, меѓутоа право во противничкиот голман.
Супер обид имаше Максимов во судиското надополнување, со петица по изведен корнер, но од гол линијата спаси еден противнички играч, и не дозволи пресврт, со што беше пропуштена последната шанса за промена на резултатот.
Ф.ОСТРОВИ – МАКЕДОНИЈА 1:1 (1:0)
Стадион: Вид Дјумиру во Клаксвик.
Судија: Ференц Карако. Помошници: Алберт и Виг-Тарсони (сите од Унгарија).
Стрелци: Јохансен 8’ (ФО) – Ѓорѓиевски 55’ (М)
Ж. Картони: Мненеј, Јохансен (ФО) – Адем, Ферати, Антовски (М).
Ф. ОСТРОВИ: Морк, Јохансен, Петерсен, Едмундсон, Скипанес, Гиесинг, Мненеј (67’ Орегард), Соренсен, Солхеим (67’ Самуелсен), Радосавлевиќ, Јоханесен (46’ Локин).
МАКЕДОНИЈА: Денковски, Хајдари (72’ Тошевски), Манев, Младеновски, Антовски, Ферати (46’ Тодоровски), Воша, Адем (82’ Гроздановски), Трајкоски (46’ Максимов), Рустемовски (72’ Станковски), Ѓорѓиевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА