Репрезентацијата на Македонија до 21 година денеска од 14 часот на тренинг центарот „Петар Милошевски“ во Скопје го игра петтиот натпревар од квалификациите за Европското првенство 2019 кое ќе се одржи во Италија.
Надежите под водство на Благоја Милевски против Русија истрчуваат со значително променет состав во однос на претходните квалификациски дуели, верувајќи дека можат во позитивна насока да го променат текот на квалификациите…
„Секако дека не само Русија, туку и останатите репрезентации во групата ако ги потцените или ги прецените, ќе имате проблем на самиот натпревар. Што се однесува за утрешниот натпревар против репрезентацијата на Русија не треба да трошиме зборови за нивниот квалитет. Се работи за силен тим, составен од фудбалери кои играат во прволигашки клубови во Русија. Значи имаат квалитет. На спротивната страна, ние сме во ситуација да создаваме нова екипа, по натпреварот со Австрија, најави кој веќе ги остваруваме. Во почетните единаесет од тие кои го почнаа натпреварот со Австрија ќе има само двајца, евентуално тројца во зависност од временските услови што ќе ги имаме утре“ – вели селекторот Благоја Милевски пред денешниот дуел.
Слично е размислувањето и на повратникот во националниот тим, офанзивецот Доријан Бабунски…
„Знаеме дека како генерација можеме многу повеќе од прикажаното на претходните квалификациски натпревари. Сакаме нив да ги заборавиме, сега има и некои нови имиња во тимот и навистина веруваме дека можеме да одиграме квалитетен меч против Русите иако и временските услови не се на наша страна. Но, кога се игра за Македонија сето тоа се заборава и се дава максимумот“ – вели Бабунски.
КВАЛИФИКАЦИИ – ГРУПА 7 (денеска)
МАКЕДОНИЈА – Русија (14 ч.)
Гибралтар – Србија (20 ч.)
ТАБЕЛА: Србија (5 меча) 15 бода, Русија (5) 10, Австрија (5) 9, Ерменија (7) 7, МАКЕДОНИЈА (4) 3, Гибралтар (6) 3 бода.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА