Младите во акција, да влезе и Казахстан во нотесот на Боби Милевски

Младата фудбалска репрезентација на Македонија до 21 година посакува да продолжи во победнички ритам во квалификациите за ЕП. Третиот предизвик е Казахстан, кој денеска (14.30 часот) гостува на комплексот „Петар Милошевски“ во Скопје. Селекторот Боби Милевски и фудбалерите се подготвени, најавуваат беспоштедна борба и офанзивен пристап со намера да се освојат нови три бода. Според урнекот со кој претходно паднаа Фарски Острови и Црна Гора.

„Против Црна Гора остваривме значајна победа, иако натпреварот воопшто не беше лесен. Сепак, и покрај некои наши грешки и недостатоци во играта за кои зборуваме и работиме со селекторот и стручниот штаб, успеавме да победиме и да го добиеме посакуваниот резултат. Натпреварот со Казахстан ќе биде сосема поразличен. Противникот е квалитетен, физички се силни, но сметам дека со правилен пристап можеме да дојдеме до нови три бода. Не се сомневам дека заеднички повторно ќе дадеме сѐ од себе и на крајот ќе се радуваме“, вели напаѓачот Милан Ристовски.

 Казахстан исто така оствари две победи досега, против Фарски острови и против Црна Гора, но во Скопје доаѓа по два порази на домашен терен, од Шпанија (0-1) и од Израел (1-2).

 

Се вчитува...