Младост УГД и Вардар ЕМ премиерно на Ф4 во Купот на ОФМ 2026

Одбојкарките на Младост УГД и Вардар ЕМ премиерно ќе настапат на еден финален турнир од Купот на ОФМ во женска конкуренција, откако двата тима испишаа клупска историја во четвртфиналната фаза.

Одбојкарките на Вардар ЕМ го приредија првото големо изненадување откако во првиот четвртфинален меч со 3:0 (25:23, 25:20, 27:25) го елиминираа ланскиот полуфиналист и повеќекратен освојувач на куп-пехарот Работнички Скопје. “Вардарки” претходно во осминафиналната рунда му земаа “мерка” на уште еден градски ривал и лански учесник на Ф4, Фит Фан Волеј. Во напнат и неизвесен, на моменти и нервозен дуел, “црвено-црниот” тим остана мирен во клучните моменти и стигна до историски успех – пласман на Ф4. Вардар ЕМ во пролетниот дел од сезоната игра во нагорна линија како во првенството, така и во Купот и дефинитивно ќе биде убаво освежување на финалниот турнир.

Младост УГД, пак, пред својата публика го букираше билет на Ф4 во Купот на ОФМ 2026 откако во четвртфиналето со 3:1 (25:22, 23:25, 25:23, 25:19) го победи ланскиот финалист Јанта Волеј КВ. Противниците кои се меѓу најсериозните кандидати во трката за првенствената титула одиграа натпревар во кој одлучуваа нијанси. Штипскиот состав потврди дека е во одличен ритам, па откако во првенството му го зададе првиот удар на лидерот, сега во Купот елиминираше еден од фаворитите.

На финалниот турнир од Купот ќе игра и бранителот на титулата, Наковски Волеј, кој со 3:0 (25:14, 25:17, 25:17) го совлада тимот на Струмица жени.

Последниот учесник на завршницата од Купот на ОФМ 2026 кај девојките ќе биде познат на 11 март кога ќе играат Газели Волеј и Пелистер Волеј.

Се вчитува...