Почнува финалната разврска и борбата за медалите на 25.Светско ракометно првенство во Франција. Домаќинот Франција и изненадувањето на шампионатот, Словенија, вечерва (21 ч.) во Акор-Хотелс Арена во Париз играат во првото полуфинале на мундијалот. Вториот полуфинален дуел меѓу Хрватска и Норвешка ќе се одигра утре.
Франција и Словенија досега имаат одиграно девет меѓусебни дуели на официјалните натпреварувања. Во шест од овие дуели славеле Французите, две победи има Словенија, а имаат и едно реми (26-26) на СП 2005. Овие две селекции играа меѓу себе и на почетокот на јануари, во два контролни натпревари пред стартот на СП. На првиот меч резултатот беше 29-27 за Франција, а во вториот Французите славеа уште поубедливо, со 33-26.
„Ако одиграме како што игравме на првиот меч во Тулуз, работите може да тргнат во наша полза. Ќе пробаме некои нови работи, и ако биде изедначено до крај, кој знае, се може да се случи“ – вели десниот бек на Словенија, Јуре Доленец.
Словенија го игра вкупно третото полуфинале на големите натпреварувања, второ на Светските првенства. Првото мундијалско полуфинале Словенците го играа на СП 2013 во Шпанија и тогаш завршија на 4.место. За Франција завршницата на големите натпреварувања е рутина. Во богата ракометна историја Французите ова е 20. полуфинале на големите натпреварувања, 11-то на ракометните мундијали.
Никола Карабатиќ го носи епитетот на прва ѕвезда меѓу француските „експерти“. На спротивната страна вечерва во капитенсак улога ќе го има својот добар пријател и поранешен соиграч во Монпелје, Вит Кавтичник.
„Знам дека Словенците се опасни. Словенија игра одличен ракомет. Со пласманот во полуфиналето ги надминаа сите очекувања и нема што да загубат. А, кога една екипа игра без притисок, може се да се случи. За нас на секој натпревар притисокот е голем, а сега кога играме дома е огромен. Знаеме дека сме фаворити и дека сите од нас очекуваат победа“ – вели Карабатиќ.
Во оние статистички податоци, младоста е на страната на Словенија (просечна возраст од 26 години), а искуството е кај Французите (28,6 години). Брзината и контрите се главните адути на Словенците, а контролираниот напад и шутот од 9 метри се појака страна на Французите. И на едната и на другата клупа седат поранешни ракометни ѕвезди. Во тренерска пресметка, стручните проценки велат дека Словенија со Веселин Вујовиќ е во предност во однос на Франција со тренерски многу понеискусниот Дидие Динар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА