Пред три години во Токио тоа беше Дани Алвеш со Бразил, пред него Нејмар во Рио, Рајан Гигс во Лондон, Меси и Ди Марија во Пекинг, Андреа Пирло во Атина… Фудбалските турнири на олимписките игри не изобилуваат со квалитет поради фактот дека не е натпреварување признаено од ФИФА, па клубовите немаат обврска да ги пуштат своите фудбалери во периодот кога вообичаено стартуваат сезоните ширум Европа и светот.
Сепак, во последната година пред ОИ во Париз бевме сведоци на бројни фудбалски суперѕвезди кои најавуваа дека сакаат да стигнат до олимписко злато. Тоа го изјавуваше Килијан Мбапе, па не доби дозвола од Реал Мадрид, учество најавуваше и Лео Меси, па се премисли, Мохамед Салах истакнуваше дека му е сон да настапи за Египет на Олимписките игри, но „фараонот“ сепак ќе го гледа овој настан на ТВ во Ливерпул.
Најзвучно делуваат селекторските имиња, па така Франција ќе биде предводена од легендарниот Тиери Анри, додека Аргентина на клупата ќе го има Хавиер Маскерано. Предводникот на „гаучосите“ во играчкиот кадар ќе го има Хулијан Алварез од Манчестер Сити заедно со искусниот дефанзивец Николас Отаменди.
Французите ќе бидат предводени од капитенот Александер Лаказет, а Анри големи надежи полага и во Михаел Олис, офанзивниот играч кој летово се пресели во Реал Мадрид за 60 милиони евра.
Од останатите позвучни имиња, десниот бек Ашраф Хакими ќе го предводи Мароко, Фермин Лопез и Пау Кубарси од Барселона ќе бидат адути на Шпанија, додека Жуниор Фирпо од Лидс ќе биде дел од селекцијата на Доминиканската Република, а Наби Кеита дел од репрезентацијата на Гвинеја…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

