Модриќ ги израдува фановите на Реал Мадрид: Се гледаме следната сезона

Реал Мадрид се закити со трофејот во Лигата на Шампионите славејќи со 2-0 против Борусија Дортмунд во големото финале одиграно на „Вембли“. Ден по освојувањето на 15. трофеј во најсилното европско фудбалско првенство фудбалерите прославија пред преполниот „Сантијаго Бернабеу“ каде мирофонот го зема и Лука Модриќ.

Хрватот им се обрати на навивачите заблагодарувајќи им се за поддршката во текот на сезоната, а најави и останување во „кралските“ редови.

„Колку сум среќен што сум тука. Ви благодарам на поддршката во текот на целата година. Овој пехар е и ваш. Се гледаме следната сезона“, изјави Модриќ по што доби овации од публиката.

Модриќ е дел од Реал Мадрид од 2012 година. Во 12-те години поминати во белиот дрес освои 26 трофеи со што со капитенот Начо Фернандез е најтрофејниот играч во 122-годишната историја на клубот.

Се вчитува...