Фудбалерите на Реал Мадрид се веќе во Париз каде се подготвуваат за утрешниот реванш со Пари Сен Жермен во осминафиналето во Лигата на шампиони. На списокот играчи кои му се на располагање на Зинедин Зидан се најдоа и Лука Модриќ и Тони Крос, незаменливите играчи за врска на Реал кои до неодамна беа повредени.
И двајцата фудбалери го одработија последниот тренинг во Мадрид заедно со првиот тим, но се уште не е познато дали еден од нив или пак двајцата ќе настапат од првата минута на „Паркот на принцовите“. Секако, тимот ќе одржи уште еден тренинг пред Зидан да одлучи со помош на медицинскиот тим дали Хрватот и Германецот се физички способни да одговорат на задачата.
Реал Мадрид се справуваше цели шест меча во претходните првенствени кола во Ла Лига без Крос и без Модриќ во составот на кои забележаа четири победи и еден пораз, но дуелот со ПСЖ носи сосема различна тежина, а Зидан сега е помирен откако знае дека неговите најдобри играчи за врска му се на располагање во најважен момент за нив во оваа сезона. Реал брани предност од тешко заработените 3-1 на „Сантијаго Бернабеу“, а ПСЖ ќе атакува без најскапиот фудбалер на светот, Нејмар.
На списокот од 24 фудбалери се најде и младиот Хесус Валјехо кој се опорави од повреда на бутниот мускул.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА