Модриќ полуде на Винисиус… Се јави и Анчелоти: Лука секогаш е во право

Винисиус неколку години наназад ги фрустрира противниците со своето однесување, секој натпревар влегува во конфликт и со судиите, но Бразилецот почна да им оди на нерви и на сопствените соиграчи од Реал Мадрид, како што тоа беше случај со Лука Модриќ на синоќешниот дуел од Копа дел реј против Леганес.

Винисиус влезе во игра во второто полувреме, веќе му стана навика да добие жолт картон, но Модриќ остана бесен на Бразилецот поради неговата неангажираност во фазата на одбрана, откако Леганес имаше шанса да постигне и трет гол и да направи целосен пресврт.

„Модриќ почна да вика кон Винисиус додека тој се приближуваше до сопствениот шеснаесетник. Бараше да помага во одбраната… Винисиус беше навреден, но кога Валверде веднаш застана на страната на Хрватот страстите се смирија“, пишуваат шпанските медиуми.

За целата ситуација по натпреварот беше прашан и тренерот на Реал, Карло Анчелоти, кој му даде поддршка на својот капитен.

„Модриќ се налутил на Винисиус? Не знам што точно се случило, но ако Модриќ рекол нешто, тогаш тоа е точно. Лука е секогаш во право, ако тој зборува, мораш да го почитуваш“, изјави Анчелоти.

Се вчитува...