Новата управа на Милан сериозно работи на составување на моќен тим, а Звонимир Бобан прави се за да го донесе клучниот дел од „мозаикот“ на „росонерите“ – Лука Модриќ. Хрватот верува дека неговиот сонародник го има сето она што е потребно за да го одведе Милан најпрвин до место во ЛШ, а потоа и во борба за титулата на италијанската фудбалска сцена. Последните информации велат дека Бобан имал состанок со агентот на Модриќ на која биле договорени сите детали – плејмејкерот ќе потпише двогодишен договор со „росонерите“ за плата од 7,5 милиони евра по сезона, плус богати бонуси доколку клубот обезбеди учество во Лигата на шампионите.
Потешкиот дел од задачата ќе биде да се убеди Реал Мадрид на трансфер, но Модриќ минатото лето доби ветување од Флорентино Перез дека нема да му стои на патот доколку пристигне интересна понуда. Желбата на Хрватот да си замине од Мадрид по осум години во Реал е и повеќе од јасна, па се очекува Перез да даде зелено светло за овој трансфер откако ќе го комплетира доаѓањето на Дони ван де Бек од таборот на Ајакс.
Милан е подготвен да плати 40 милиони евра за целосно да го откупи Модриќ, по неуспешниот обид на градскиот ривал Интер на позајмица да го доведе Хрватот во Милано. „Росонерите“ за таа цел ќе го продадат Кесие, за кого постои сериозен интерес од Вулверхемптон.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА