Модриќ пред големото финале: Сите мислат дека лесно ќе победиме, но видовте што се случи…

Реал Мадрид важи за голем фаворит во финалето од Лигата на Шампионите што „кралевите“ в сабота ќе го играат на „Вембли“ против Борусија Дортмунд. Еден од најискусните во таборот на шпанскиот гигант, Хрватот Лука Модриќ гласно ги предупреди своите соиграчи дека фаворитската улога не значи ништо ако не биде оправдана на теренот.

„Ова е финале и мора да се биде внимателен. Сите мислат дека лесно ќе победиме против Борусија, но не смееме да се опуштиме. Видовте што се случи во Лигата на Европа, многумина мислеа и дека Баер рутински ќе дојде до победата, но се случи сосема спротивното“, предупреди 38-годишниот Модриќ.

Хрватскиот генијалец се приближува до крајот на кариерата, Лука низ годините одигра бројни вакви суперзначајни дуели, така што не чувствува притисок пред саботниот меч за европската круна.

„Само тренирам и опуштен сум. Ако размислувам со денови за финалето, би полудел. Кога ќе стигнеме во Лондон ќе се фокусирам повеќе, сега сум максимално релаксиран, го правам она што го правев и пред секој друг натпревар. Тоа не значи дека ќе бидам опуштен на теренот, верувам дека јас и моите соиграчи ќе ја одиграме најдобрата средба оваа сезона. Тоа ќе ни биде потребно за да победиме“, порачува Лука Модриќ.

Се вчитува...