Навивачите на Милан не можат да ја преболат катастрофалната сезона на својот тим, но активностите на пазарот даваат оптимизам дека „росонерите“ набрзо ќе се приклучат на самиот врв на италијанскиот фудбал.
Најзвучно име што летово пристигна на „Сан Сиро“ е Лука Модриќ, хрватскиот фудбалски генијалец кој по заминувањето од Реал Мадрид реши токму Милан да биде клубот каде ќе ја продолжи (и најверојатно ќе ја заврши) својата блескава кариера.
„Среќен сум што сум овде и едвај чекам да почнеме со натпревари, сите заедно да уживаме на „Сан Сиро“. Кога стана јасно дека заминувам од Реал имав бројни понуди, но моја желба беше да останам во Европа, да не одам далеку… Тогаш дојде повикот од Милан и во еден момент се ми стана јасно, сакав да дојдам во овој клуб, многу ми значеше што видов колку тие луѓе сакаат да ме доведат во Милан. За мене нема сомнеж, Милан е европски гигант и токму затоа не смее да се задоволува со просечност, мораме да поставиме високи цели и потоа да сториме се за да ги достигнеме“, изјави Модриќ.
Хрватот воедно потврди дека ќе го носи дресот со број 14 во новиот клуб, бидејќи „десетката“ е сопственост на Рафаел Леао.
„Знам дека во Милан бројот 10 му припаѓа на Леао, тој е сегашност и иднина на Милан. Кога „десетката“ не беше достапна, го избрав бројот 14, уште еден број што многу ми се допаѓа“, прокоментира Лука Модриќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

