Легендата на Реал Мадрид, Лука Модриќ, беше претставен од неговиот нов клуб Милан на официјална прес-конференција. 39-годишниот ветеран ќе го носи дресот со број 14 за „росонерите“.
Модриќ рече дека и натаму има мотиви за нешто големо и со Милан, и дека му е чест што ќе го носи дресот кој го носел неговиот идол Звонимир Бобан.
„На мои години, сè уште има време за емоционално раздвижување. Неодамна имав многу емотивно збогување со Реал Мадрид . Пораснав гледајќи италијански фудбал, а „росонерите“ беа мои фаворити, делумно затоа што мојот идол, Звонимир Бобан, беше таму. Отсекогаш имав посебна наклонетост кон тие бои. Внимателно ја следам Серија А затоа што многу Хрвати играат таму. Тоа е тешка лига, сега се враќа на својот нов врв, тимовите се многу добро тактички подготвени.“, вели Модриќ и додава:
„Сите знаеме дека Милан беше и е еден од најдобрите тимови во светот. Квалификувањето во Лигата на шампионите треба да биде минималната цел. Но, исто така мора да се биде скромен и да се работи напорно, што е мојата цел. Сакам да победувам, многу сум конкурентен и сакам да го донесам тој дух во тимот. Минималната цел е да се квалификуваме во Лигата на шампионите, но и Милан мора да се бори за трофеи, затоа сум тука. Знам дека има огромни очекувања за мене, но среќен сум и едвај чекам да го започнам овој предизвик. Мојата лична цел е да бидам подготвен за идното Светско првенство“, изјави Хрватот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

