Мофит дебитираше во мак-баскетот со 34 поени, Чаир лесно го совлада Феникс (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Чаир 2030 ја започна сезоната 2023/24 со победа откако на домашен терен без многу проблеми слаеше против десеткуваниот Феникс 2010 со 93-72. Чаирчани беа подобриот противник во најголемиот дел од натпреварот, а клучна за двата бода беше третата четвртина во која „сино-белите“ стекнаа предност од 20 поени.

По изедначеното отварање на натпреварот прв иницијативата ја зема домашниот тим кој со серија од 10-0 стекна двоцифрена предност која беше доволна за резултатска контрола по првите 10. минути игра (26-20). Феникс 2010 успеа да го најде ритамот во втората четвртина, преку Димчевски и Рис успеа да ја врати предноста во свои раце (35-37), но финишот на првото полувреме одново му припадна на Чаир 2030 кој со тројката на Начевски на три секунди пред крајот стигна до предност од 48-42.

Второто полувреме не го промени моментумот на паркетот. Чаирчани продолжија со агресивната одбрана која носеше лесни поени на спротивната страна на теренот па од минута во минута домашниот состав предводен од Рамадан ја зголемуваше предноста за високи 71-51 пред последната четвртина. Во неа гостите успеаја да ја најдат формулата на теренот, ја преполовина негативата, но немаа сили за целосен пресврт.

Со 34 поени и 5 асистенции Мофит имаше одлично деби во дресот на Чаир 2030, а него го следеше Корбет со дабл-дабл од 13 поени и 16 скокови. Томас со 17 поени беше прво име кај Феникс 2010. Трајковски натпреварот го заврши со 15 поени и 7 скокови.

 

 

Се вчитува...