Трагедијата на еден од најдобрите возачи на „Формула 1“ во Имола 1994 година беше шок за љубителите на овој спорт во целиот свет.
ПИШУВА: МИОДРАГ МИЦКОВИЌ
Тој ден на 1 мај 1994 година невиден молк на патеката во Имола. Не беа развиорени знамињата на навивачите на најпознатите тркачи во „Формула 1“, на нивните тимови „Ротманс Вилијамс Рено“, „Мекларен“, „Хонда“, „Мерцедес“, „Бенетон“, „Лотус“… Се слушаше само бучавата на силните мотори со единствената мисла кај многубројните гледачи кои се прашуваа дали ќе преживее еден од најдобрите возачи на светот, трикратниот светски првак, Бразилецот Аиртон Сена, кој таа година за првпат седна во болидот на „Ротманс Вилијамс Рено“ и требаше да се бори за титулата заедно со Англичанецот Дејмон Хил. Требаше ова да биде тандем на соништата на патеките на „Формула 1“.
Во Имола, во седмиот круг палавиот Бразилец, како што го викаа сите бидејќи секогаш беше подготвен за шеги и секогаш беше со насмевка на лицето, излета од патеката и со брзина од околу 250 км на час удри во заштитната ограда. Од силината на страотниот удар болидот на Сена речиси се распарчи и беше јасно дека е тешко повреден. Во тој момент милиони гледачи покрај малите екрани што ја следеа трката и илјадници покрај патеката почнаа да се молат за неговиот живот.
Молитвите не помогнаа
За жал молитвите не помогнаа, во болницата во Болоња, Аиртон Сена кој речиси беше клинички мртов по судирот, не го преживеа силниот удар. Еден железен дел од болидот ја пробил неговата кацига нанесувајќи му смртоносна повреда на главата. Тука во Имола заврши блескавата кариера на еден од најдобрите возачи на светот-Аиртон Сена, кој десет години ја гледаше смртта во очи возејќи во брзиот болид во „Формула 1“, воодушевајќи ги сите со својата храброст. Конкурентите не го сакаа поради неговата популарност, поради неверојатната храброст бидејќи кога возеше како да не ги употребуваше сопирачките, од друга страна љубителите на брзините го сакаа, имаше многу обожователи. Тој беше нивното галениче. Знаеја дека тој на трките не тактизираше, секогаш душмански го притискаше педалот за гас, влегуваше во свиоците со големи брзини, без страв што на крајот и му се одмазди на фаталната трка во Имола. Тоа е сепак „Формула 1“, тоа е данокот на парите, данокот на брзините, данокот на смртта на овој атрактивен, сигурно и најопасниот спорт.
Во неговото време возеа Алан Прост, Нелсон Пике, Ники Лауда, Жан Алези, Дејмон Хил, Мика Хакинен, браќата Михаел и Ралф Шумахер, Герхард Бергер, Фернандо Алонсо, кои беа и останаа вистински асови на патеката, но Аиртон Сена беше нешто друго, единствен и неповторлив , уникатен, миленик на сите и кога победуваше и кога губеше.
Знамето и сувенирите на Вардар помогнаа
Таа 1994 година, некаде при крајот на јануари за првпат во мојата богата и долга новинарска кариера се најдов покрај патеката на „Формула 1“, заедно со стотина новинари од целиот свет во Есторил во Португалија, како гостин на фирмата „Ротманс„, претставништво за Македонија. Тука се одржуваше и презентација на новата двојка на тимот „Ротманс Вилијамс Рено“, што требаше да ја сочинуваат Аиртон Сена и Дејмон Хил“. Сена беше во центарот на вниманието, сите сакаа да направат фотографија со него, да добијат автограм, имаше долг список на новинари кои сакаа да добијат интервју од него.
Сигурно дека и јас имав желба, не за интервју, знаев дека за тоа немав шанси, не можев ниту да имам бидејќи за првпат на тој список на присутните новинари во Есторил се најдоа и имињата на двајца новинари од Македонија, Миодраг Мицковиќ и Александар Сидоровски. Тотално непознати за секретарката на Сена, прекрасната, вистинска убавица Беатрис Асумсао која одлучуваше за се кога е во прашање Сена.
Меѓутоа, кога најмалку се надевав, добив шанса да се видам на само и да поразговарам со бразилскиот ас во „Формула 1“ речиси десетина минути. Вториот ден од мојот престој во Есторил, шетајќи меѓу боксовите каде се паркирани болидите, го здогледав Сена. Седеше во оградениот простор покрај неговиот голем автобус, специјално опремен, една речиси подвижна куќа, со салон, бања, спална соба и што се немаше внатре. Јасно пред влезот обезбедување , пиле не можеше да прелета без нивна дозвола. Решив да влезам, па што биде да биде. Се разбира, ако ми дозволат. Се прекрстив, иако немам обичај тоа да го правам и тргнав кон него. Знаев дека Сена како и секој Бразилец е голем љубител на фудбалот, затоа со себе носев едно големо знаме на ФК Вардар, две три негови значки и шалче. Држејќи ги во рацете храбро тргнав кон Сена, покажувајќи им го на обезбедувањето знамето на Вардар. Не зборував ништо, што да кажам, не знам португалски. Сена ме погледна, го гледаше знамето на Вардар и им рече да ме пуштат, мислеше дека сум некој фудбалски функционер, прашувајќи ме од кој клуб е знамето.
Сена го исполни ветувањето
Му се претставив дека сум од Македонија, од една нова во тоа време самостојна држава, дека знамето е од Вардар, шампионот на Македонија и дека сакам да му го подарам бидејќи знаев дека е голем љубител на фудбалот. Гледајќи го расположен, го замолив за една заедничка фотографија, му признав дека сум спортски новинар и дека мојата специјалност е фудбалот, не „Формула 1“.
-И јас го сакам фудбалот, но гледате, наместо фудбалер, станав возач. Не жалам поради тоа, болидите се мојот живот.
Сена го однесе знамето на Вардар во својата „подвижна куќа“, видов дека во неа имаше знаменца од Милан, Интер, Јувентус, Порто, Спортинг од Лисабон меѓу нив се најде и на Вардар. Во меѓувреме некои пријатели го повикаа Сена да заминат во Лисабон, но тој сепак не ме заборави на моја голема радост.
-Знам дека би сакале да направите кус разговор со мене, ме „прочита“ Сена при разделбата. Навистина немам време. Но, дојдете утре во 10 часот во мојот бокс, имам закажано интервју со бразилската телевизија „О Глобо“, можете да присуствувате, да го снимите разговорот и да искористите се она што ќе биде интересно за вашиот весник. Друго не можам да ви ветам. И тука заврши мојот разговор со Сена.
Наредниот ден бев на време во боксот на Сена, обезбедувањето беше известено за моето присуство, а пред интервјуто, Сена му дофрли на еден од неговите соработници да ми помогне бидејќи разговорот ќе биде на португалски.
– За да не се мачиме, не можам брзо да ги преведувам зборовите на Сена, дојдете утре, ќе добиете касета со целото интервју преведено на англиски јазик, ми објасни мојот придружник.
Така и се случи, јас повеќе не дојдов во непосредна близина на Сена до крајот на мојот неколкудневен престој во убавиот Есторил. Кога се вратив во Скопје објавив делови од тоа интервју за читателите на „Нова Македонија“ но бев чесен кон нив бидејќи напишав за кого беше наменето.
Само по неколку месеци, Аиртон Сена трагично загина на патеката во Имола. Ја гледав трката на телевизија, ги видов тие последни моменти од живoтот на Сена. И јас како и сите што беа на трибините во Имола и покрај телевизиските екрани почнав да се молам да преживее најголемиот возач на сите времиња во „Формула 1“. Ништо не помогна за да на крајот на трката биде објавено дека им подлегнал на повредите.
Со Сена не бев долго време заедно, десетина минути кога му го подарив знамето на Вардар, кога направивме заедничка фотографија, триесетина минути додека го даваше интервјуто за бразилската телевизија „О Глобо“. Мошне кусо, но и по толку години што изминаа од таа средба, не можам да ја заборавам неговата насмевка на лицето и ведрината што зрачеше од него.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА