Вест хем за многу брзо време доведе заменик за Славен Билиќ, екс-менаџерот на Евертон и Манчестер јунајтед, Дејвид Мојес утринава и официјално беше назначен за нов тренер на првиот тим, ќе ги предводи „чеканите“ до крајот на сезоната.
54-годишниот шкотски стратег откако минатата сезона не успеа да го задржи тимот на Сандерленд во Премиер-лигата, сега ќе има eднакво тешка задача да ја спаси екипата од источен Лондон, поточно да обезбеди опстанок во највисокото по ранг првенство во Англија.
„Се чувствувам одлично по доаѓањето во овој голем клуб. Сакам веднаш да започнам со работа, бидејќи пред нас е тешка задача, клубот има поставено одредена цел, па ќе мора многу да се потрудиме да го оствариме тоа до крајот на сезоната. Знам дека ќе биде потешко да најдеме стабилност бидејќи сезоната е веќе почната, но верувам во оваа група на фудбалери“, изјави Мојес за официјалната веб страна на Вест хем.
Мојес 11 години го предводеше тимот на Евертон, а откако во 2013 година го замени сер Алекс Фергусон на клупата на Манчестер јунајтед, среќата ретко го следи. По нецела сезона доби отказ од „Олд трафорд“, своите фудбалски знаења ги проба во шпанското првенство на клупата на Реал Сосиедад, додека минатата сезона доживеа неуспех откако со Сандерленд како последен тим во Премиер-лигата отпадна во Чемпионшип-дивизијата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА