Мојсо не запира – Нов спонзор, нова трибина и нов квалитет во автентичниот струшки амбиент

Да се задржи автентичноста и традицијата на струшкиот ракометен турнир на отвореното игралиште на брегот на Охридско Езеро и да расте кавлитетот и организациски и просторно, но и според реномето на учесниците. Тоа се основните заложби на поранешниот македонски репрезентативец, Наумче Мојсовски сега во улога прв човек на РК Струга и на струшкиот турнир.

Синоќа се спушти завесата на годинашното 46.издание на турнирот кое доби многу пофалби од учесниците и веднаш почнува реализацијата на дел од долгорочните планови за наредните години.

„Од сите гости и играчите и тренерите слушнавме само пофални зборови. Пред се за подлогата, но и за организацијата, за сместувањето и се друго на турнирот. Сега засега е добро. Во глобала можам да бидам задоволен, така да кажам, прв пат во оваа организациска улога. Но, како што расте турнирот, така растеме и ние. Сигурно има и грешки и пропусти кои ќе настојуваме во иднина да ги поправиме. Здравје, за следната година да има што помалку пропусти и да биде подобро во секој поглед. Турнирот оди нагоре. Мислам дека со доаѓањето на вакви квалитетни екипи, следната година ќе биде уште полесно. Сакаме да го задржиме тоа ниво“ – истакнува Наумче Мојсовски.

Годинава во склоп на турнирот во Струга се одигра и дуелот меѓу Вардар и Металург во македонскиот Супер куп. но двете најдобри макеоднскиите екипи не беа меѓу учесниците на турнирот. Па една од заложбата ќе биде во наредните годни на струшкиот турнир  покрај реномираните странски тимови што настапуваат во Лигата на шампионите и во ЕХФ купот, да настапат и најдобрите македонски екипи.

„Сега ќе целиме и на тоа следната година да имаме повеќе наши екипи. Планот беше и годинава да биде четири со четири, четири наши и четири странски екипи, но испадна некое недоразбирање со Вардар и со Металург, па на крај имавме шест странски и Струга и Еурофарм од македонските екипи. Се надевам дека следната година тоа ќе го надминеме и сакаме на турнирот во Струга да бидат присутни првите две екипи од првенството, без разлика кој ќе биде прв и втор. Овде да биде најдоброто од Македонија, дополнето со квалитетни странски екипи кои играат во Лигата на шампионите или во ЕХФ купот“ – потенцира директорот на струшкиот турнир.

Атракција на овој претсезноски ракометен турнир со петдецениска традиција е отвореното игралиште на „Женска плажа“. Годинава игралиштето доби нова современа подлога, а плановите за следната година се теренот да добие современ, функционален лик. Реализацијата на овие планови како што најави Наумче Мојсовски ќе биде помогнато од новиот генерален спонзор на турнирот.

„ Во преговори сме за потпишување на договор со ЕЛЕМ да биде генерален спонзор на турнирот. Со нивна помош ја направивме едната трибина и сакаме од септември да поченеме со реконструкција и на другата страна. Старата се урива и ќе се гради иста ваква трибина и од таа страна. Планираме и да се покрие. Да биде покриено, но да не биде затворено. Да се зачува автентичноста и душата на овој турнир, а тоа е отвореното игралиште на РК Струга. Сакаме да е покриено, да не немаме проблем со времето оти годинава четири дена малку се тресевме дали ќе заврне, дали капнало, дали има облации или не… Тоа сакаме да го решиме. Со изградбата на новата трибина, турнирот ќе добие и поголема масовност, подобар изглед и поголема сигурност. Иако на почетокот дури и јас бев малку скептичен, подлогата што ја поставивме годинава се покажа дека е одлична, да не кажам, врвна“ – вели Мојсовски.

Паралелно со плановите врзани со организацијата на меѓународниот турнир, се одвиваат и оние тековните, со екипирањето и подготовките на РК Струга за новата суперлигашка сезона. Амбициите се пред се стабилност и како што вели Мојсо, „златна средина“ во првата сезона. Во однос на играчкиот кадар, враќањето на стружаните е приоритет, а првата инвестиција е младинскиот и кадетски репрезентативец на Македонија, Ненад Костески, избран за најдобро десно крило на штотуку завршениот  ЕХФ шампионат (У18) во Тбилиси.

 

Планот ни е годинава да бидеме некоја „златна средина“. Како што велат, да видиме до каде ни е чаргата. Да избориме некој сигурен пласман во првенството, што ќе се знае до февруари, а се друго е за тоа потоа. Играчите се 90 проценти тие што се тука. Ни недостасува Ненад Костески кој е со кадетската репрезентација, а разговарано е со Марко Нелоски кој сака да се приклучи до мај, да видиме што како ќе биде. И евентуално уште еден играч, тоа е максимум за да го заокружиме овој ростер на играчи. Мислам дека ќе биде доволно. Имаме сигурност што ни ја даваат оние послени натпревари од ланската сезона кога „дечките“ одиграа феноменално. Се подновивме со уште 4-5 играчи нови. Сакаме да бидеме стабилен суперлигаш и да се бориме за плеј-оф“ – потенцира Наумче Мојсовски.

Се вчитува...