Скопската пресметка во последното суперлигашко коло меѓу Бутел и Пролет заврши со израмнети 25-25, исход од кој позадоволни ќе бидат домашните ракометари. Имено, Пролет на две минути до крајот имаше водство од два гола, но „бутелци“ беа поумешни во завршницата и со погодоците на Златко Мојсоски во 59. и во 60. минута стигнаа до бод.
Почетокот донесе нешто подобра игра на ракометарите на Бутел, кои пред се благодарение на цврстата одбрана (еден примен гол во првите седум минути) стигнаа до предност од два гола (3-1, 4-2). Пролет сепак успеа да се врати, преземајќи ја контролата над резултатот во последните десетина минути од полувремето. Пресуден во овој период беше одличниот настап во одбраната на гостите, „бутелци“ речиси осум минути не можеа да дадат гол, а Пролет го искористи тоа за на одмор да замине со минимални 11-12, со голот што пред крајот на полувремето го постигна Палевски.
Второто полувреме мина во тактичко надмудрување во кое резултатската предност изнесуваше еден гол, за едниот и за другиот тим. Пролет конечно се одлепи пред самата завршница, преку искусните Пецаковски и Пејовиќ стигна до 23-25, но и тоа беше недоволно за триумф на избраниците на Лембанов. Гостите имаа два напади при 24-25, но не ги искористија, по што Мојсоски со пенал со звукот на сирената донесе израмнување за Бутел.
Мирко Мајиќ, кој доби директен црвен картон во 55. минута, беше најефикасен со осум гола кај Бутел, додека најдобри стрелци во таборот на Пролет беа Џонов со шест и Додевски со четири погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА