Тиквеш со пораз од Вардар го заврши есенскиот дел од сезоната во Првата македонска фудбалска лига, но факт е дека кавадарчани зад себе имаа успешна есен која е заокружена и со пласман во полуфиналето од Купот на Македонија.
Шефот на стручниот штаб на Тиквеш, Ѓорѓи Мојсов вели дека последниот дуел е можеби единствениот на кој тимот потфрли оваа есен, но најавува уште поквалитетни изданија на тимот за пролетниот дел од сезоната низ кој ќе се брка и историско финале во Купот на Македонија.
„Мечот со Вардар е можеби единствениот на кој потфрливме, но на 17 претходни натпревари, од кои победи, нерешени и порази, тврдам дека на сите бевме подобар противник на терен, водени од најдобрите “Лозари“. Јавноста знае дека го игравме можеби најдобриот фудбал во лигата со освоени 22 бода со чисто срце, залагање и пот“ – вели Мојсов низ освртот за првиот дел од сезоната и дополнува:
„Можеби останавме пократки за 5 до 7 бода, што поради нас што поради некои други нешта. Мора да бидеме горди на овие момци. Низ пролетниот дел од сезоната одиме уште посилно, секогаш чесно на терен… И да не заборавиме Тиквеш е во полуфинале од Купот“.
Тиквеш со 22 бода е на седмата позиција на табелата, со само пет бода заостанување зад четвртопласираниот Силекс.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

