Мојсовска: Задоволна сум од настапот на Олимписките игри

Анастасија Мојсовска со прва изјава по настапот на Олимписките игри во Париз, каде го освои 31. место од 43. натпреварувачки во воздушна пушка од 10 метри. Таа не успеа да обезбеди пласман во финалето.

Мојсовска по настапот истакна дека е задоволна од прикажаното, и остварила очекуван резултат.

„Задоволна сум од мојот настап. Одлично го одработив мечот иако имав само три деветки. Резултатот е оној што го очекував, малку ни фалеше среќа за подобар пласман. Зад себе оставив доста силни натпреварувачки како Американката која беше златна од Токио, и Англичанката која е во моментов најдобра во Европа“, рече Мојсовска.

Тренерот Јордан Тасевски исто така искажа задоволство од настапот.

„Го имавме квалификацискиот дуел во кој Анастасија се пласираше на 31. место. Во текот на натпреварот од 43 натпреварувачки, Анастасија се однесуваше многу добро, со тоа што испука континуирани серии од над 104 кругови, што е дополнителен мотив за неа во следниот период. Победи многу од нејзините конкуренти, освојувачи на олимписки, и европски и светски медали. За финале ни беа потребни шест кругови. Се надевам дека Анастасија во следниот период ќе продолжи да работи и ќе имаме успешен настап на следните натпреварувања“, изјави Тасевски.

Се вчитува...