Агенцијата за млади и спорт до крајот на оваа седмица ќе ја објави листата за ваучери што ќе ги добијат спортските колективи за претстојниот период. ЕКИПА веќе информираше дека ракометниот шампион Вардар нема да добие ваучер, информација што денеска ја потврди и Директорот на АМС, Наумче Мојсовски.
Според Мојсовски, проблем претставува фактот дека по промената на управата на „црвено-црните“, новото раководство треба да ги прифати долговите на своите претходници.
„Според она како стојат работите во моментов, Вардар нема да добие ваучер. Ние доставивме барање и имаат рок од два дена да го средат, па не може да се каже ништо децидно, но доколку она што го бараме не се среди тогаш ваучерот дефинитивно ќе изнесува нула денари. Проблемот е јасен, не може да дојде нова управа со нов субјект и да не ги прифаќа долговите на претходниците, а истовремено да бара средства врз основа на резултатите на претходните газди. Спортскиот континуитет е очигледен бидејќи Вардар се натпреварува и во ЛШ и на домашната сцена, но сепак неопходно е да бидат прифатени и обврските и долговите на оние кои раководеа претходно со клубот“, вели Мојсовски за ЕКИПА.
Воедно, првиот човек на Агенцијата за Млади и Спорт најави дека кон средината на годинава ќе следи нова „тура“ на ваучери за клубовите и федерациите.
„Конечната одлука ќе биде донесена до среда и „црвено-црните“ имаат време до тогаш да го направат она што го побаравме од нив, во спротивно ќе мора да почекаат за ваучер. Инаку, кон средината на годинава ќе следат нови ваучери, па има можност Вардар во меѓувреме да ја консолидира состојбата и да добие соодветен ваучер како дел од оваа програма за помош во спортот“, најавува Наумче Мојсовски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА