Македонскиот олимписки комитет (МОК) доби престижен и светски признаен сертификат од Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) како одговорна организација што применува практики и принципи на добро владеење. Овој значаен сертификат МОК го доби по претходна евалуација од страна на ИОК на сите досегашни реализирани проекти, како и по позитивниот извештај за работењето на Македонскиот олимписки комитет изработен од реномираната ревизорска организација Price Waterhouse Cooper.
Претседателот на ИОК, Томас Бах, лично му го врачи сертификатот на претседателот на МОК, Даниел Димевски, на средба во седиштето на ИОК. По тој повод, седиштето на Меѓународниот олимписки комитет беше во боите на македонското знаме, со што големиот пријател на македонските олимпијци, претседателот Бах, уште еднаш ја покажа својата силна поддршка за спортот во земјава и организациите кои го шират олимпискиот дух.
Бах изрази подготвеност да помогне во проектот за поставување фотоволтаици на покривот на Олимпискиот центар „Јане Сандански” во Скопје, а најави и максимална поддршка од ИОК при организацијата на претстојните Младински олимписки игри што треба да се одржат во Скопје во 2025 година.
За огромната поддршка што Бах му ја дава на Македонскиот олимписки комитет, Димевски му ја врачи престижната награда “Златна Олимпија” што ја добиваат поддржувачите на македонскиот спорт и луѓето кои активно се вклучуваат во неговата афирмација и развој.
Во вториот дел од работната посета, Димевски се сретна со директорот за правни прашања во ИОК, Жером Поивје, кој издаде предупредување до македонските државни органи задолжени за спорт, односно до Агенцијата за млади и спорт (АМС), дека не ја реализирале во дадениот рок обврската за носење ново законодавство за спорт. Неисполнетата обврска, според Поивје, е потенцијална огромна опасност за суспензија на севкупниот македонски спорт.
Врз база на забелешките и насоките на Поивје, МОК ќе ја преземе задачата за подготвување на новиот Закон за спорт, кој ќе биде усогласен со препораките и Повелбата на ИОК.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА